ДОРА РИСТЕСКА, СЕСТРАТА НА ПРОЕСКИ, ОТКРИВА

ДОРА РИСТЕСКА, СЕСТРАТА НА ПРОЕСКИ, ОТКРИВА

Тоше ја претчувствуваше својата смрт
Дојди побрзо зашто уште малку ќе ме гледаш। Потоа ќе ме бакнуваш само на слика, му рекол Тоше на својот татко кога пред неколку месеци бил во Крушево। За Дора Ристеска, постарата сестра на Тоше Проески, деновите по трагичната несреќа во која нашата ѕвезда го загуби животот, се вистински кошмар। Се' уште не може да поверува дека нејзиниот сакан брат веќе никогаш нема да се врати во татковата куќа, не ќе може да го пречека, силно да го прегрне за да му каже уште еднаш колку го сака и колку и недостига. Таа е скршена од болка, а солзите постојано извираат од нејзините очи и ја задушуваат додека зборува. За момент ги погледнува фотографиите на Тоше во неговата соба во родната куќа во Крушево, ги бакнува и испушта тешка воздишка. На заклучокот дека физички личи на својот брат, таа одмавнува со раката: „Не, тој беше еден и единствен. Тој беше како ангел“.Додека Тоше стануваше популарен, Дори никогаш не се обиде ниту посака да се експонира во јавноста. Проески често истакнуваше дека тајните на рок-музиката ги открил со плочите на својата шест години постара сестра. Ристеска личи на својот брат и во скромноста, едноставноста и во кроткиот израз. Таа со семејството, сопругот Славе и синовите Кристијан (10) и Никола (3), живее во Крушево, во близина на своите родители. Ова и е прво интервју, во кое отворено и со многу искреност зборува за односот кон својот брат и за последните денови од неговиот живот. Тоше беше голема ѕвезда, секој се обидуваше малку да „гребне“ од неговата слава, но ти секогаш си стоеше настрана. Зошто? - Имав голема трема и не можев да го гледам на настапите. Се плашев да не му се случи нешто. Откако ќе ми кажеа дека неговиот концерт, настап или промоција поминале во ред, го гледав на снимка или на телевизија. Малку се опуштив последниве две години. Присуствував на двата концерта на Градски и бев пресреќна кога го гледав како пее. Каков беше вашиот однос? Го смени ли популарноста? - Тоше беше безгрешен। Не паметам дека сме се скарале за нешто уште од деца. Ни како мали. Премногу бевме приврзани. Никогаш за ништо не си забележавме. Брат ми го чувствував како Бог. Популарноста не го промени. Напротив, го направи уште поедноставен. Кога ќе не' земеше со децата да не' провози во Крушево, застануваше да се поздрави со секој човек. А на заминување на сите им велеше: „Имајте убав ден и сакајте се“. Често, кога разговаравме ми се обраќаше со зборовите: „Цеце, мојата мисија е да ширам љубов и да ги научам луѓето да се сакаат“. Затоа беше добар со секој човек. А каков беше односот со неговите родители? - Премногу ги сакаше и беше приврзан за нив. За секој потег во животот прво ги прашуваше мајка ми и татко ми. Семејството му беше на прво место. Бескрајно не' почитуваше и не' сакаше и ни даде голема љубов. Дали ви зборуваше дека наскоро размислува за формирање и на свое семејство? Поточно дека планира да се жени? - Не. Напротив, велеше дека му е рано да формира семејство. И дека планира да направи таков чекор по 32-рата година. Ние не му се мешавме. Како дозна за сообраќајната несреќа? - Бев на работното место во градинка. Ми се јави детето на една сосетка и ми рече итно да дојдам дома зашто мајка ми не е добра. Се исплашив и почнав да вртам на мобилните кај родителите, но никој не ми се јавуваше. Упорно ги барав додека не ми се јави мајка ми и ми рече да дојдам брзо дома и веднаш го исклучи телефонот. Тргнав во работната облека и со трчање се упатив кон куќата на моите родители. Луѓето што ги среќавав по улица ме гледаа и плачеа. Ми беше чудно и запрев една комшивка да ми каже што се случува, но таа молчеше. Во тој миг помина еден човек, застана и ми рече: „Брат ти повеќе не е меѓу живите“. Кога стигнав дома ги најдов моите родители во подрумот легнати на земја и во голем плач. Почнав да се јавувам кај блиските роднини и пријатели за да ми потврдат дека сето тоа е лага. За жал, сите ми ја потврдија големата трагедија. Во каква состојба се твоите родители Доминика и Никола? - Претешко им е и се' уште се во шок. А не се ни во добра здравствена состојба. Повлечени се во својата соба. Татко ми е постојано со затворени очи, а не спие и ги повторува зборовите: „Ова не е можно. Не можам да сфатам дека го нема нашето дете“. Мајка ми постојано плаче. Понекогаш успевам да ја натерам да се раздвижи низ куќата давајќи и' куќна обврска. Секој ден двапати одиме на гроб кај нашиот Тоше. Како му минуваа деновите до 15 октомври, денот кога засекогаш го напушти својот роден град?- Многу убаво। По цел ден со братучед му Андреј, син на сестра од мајка ми, и со неговите другари, играше одбојка, одеше во кафулето „Планет“ за да ја игра компјутерската игра „Каунтер страјк“. Не мируваше и постојано беше во движење. Беше ли расположен, изгледаше ли среќно? - Тој секогаш беше расположен за дружење со луѓето. Сите ги сакаше и за секој имаше убав збор. Но, забележав дека овој пат ја немаше таа свежина. Дома беше помолчелив. Кога претходно доаѓаше, обично ќе седнеше покрај синтисајзерот и со часови свиреше и пееше. При својот последен престој тоа не го направи - ниту засвири ниту запеа. Беше повлечен и тивок. Забележа ли уште нешто невообичаено во неговото однесување?- Утредента, по одржувањето на концертот на 5 октомври, со Тоше и со мајка ми се вратив во Крушево. Додека патувавме ми беше малку замислен. Дури сега, кога го анализирам неговото однесување, ми текнува на тоа што го велеше: „Кажете колку е убав животот! Многу е убав овој живот, само да потрае уште малку“. Кога ги слушнав овие зборови само прашав: „Зошто зборуваш така?“. А тој ми одговори: „Многу ни е убаво, Цеце. Ни помогна Преображение, види што направи од нас, да живееме убаво. Колку убави работи ни подари“. А, додека беше во Крушево стално ни велеше: „Многу ве сакам, ме сакате ли вие мене?“. Во една пригода мајка ми му рече: „Ќе видиш колку се сака дете кога ќе се ожениш“. Тој само се подзамисли и и' одговори: „Мајко, мислам дека само Вас ќе имам шанса да Ве сакам во животот“. И постојано воздивнуваше. Еднаш го прашав: „Кажи што ти е, да не те мачи нешто, ако може ќе ти помогнеме, ако не, барем да ти олесни со кажувањето“. Но, ништо не сакаше да каже. Мислиш дека ја претчувствувал својата смрт? - Мислам, да. Кога пред неколку месеци се правеше горниот кат од куќата на родителите, тој беше во странство. Бидејќи во денот се слушавме повеќепати, без разлика на кој крај од светот е, му се јавив да му кажам колку е убав неговиот кат. Ми рече само: „Радувај се Цеце, зашто ти ќе седиш таму“. Го прашав зошто зборува така, но не ми даде одговор. Исто така, кога пред неколку месеци дојде во Крушево го чекавме татко ми да дојде на ручек. Бидејќи се задржа, Тоше му се јави и му рече: „Дојди побрзо зошто уште малку ќе ме гледаш. Потоа ќе ме бакнуваш само на слика“. Според старите верувања, големите несреќи се претскажуваат и преку сон? Ви споменал ли дека во последните месеци сонувал некој чуден сон? - Не, никој од нашето семејство не ја насети трагедијата. Сега кога разговараме честопати го спомнуваме сонот што мајка ми го сонувала како девојка. На сон и' се појавило едно мало дете во бела долга кошула и со силен ореол на главата, кој ја заслепил и не можела да гледа. Слушнала еден силен машки хор, кој пеел „Алилуја“. Потоа дошол еден маж и и' дал каша со лисја од орев. Кашата била многу грозна за гледање и мајка ми го прашала дали мора да го испие тоа. Тој и рекол: „Ти си таа што треба да ја испие оваа каша“ и тоа го направила. Пред десет години во манастирот Преображение ја виде иконата со човекот што и' се појавил на сон. Бевме среќни и ја поврзавме таа ситуација со фактот што татко ми таму работи, а брат ми е повзран со Преображение. Но, за жал, сега сфаќаме дека кашата сигурно е знак на „оваа каша“ што ни се случува поради трагедијата. Навистина, сево ова е многу тешко и многу горчливо. Тоше веруваше во Господ и кога беше во Крушево редовно го посетуваше манастирот Преображение. Зошто?- Мир наоѓаше во Господ зашто живееше под голем напор и притисок, а имаше и трема пред настапите. Нонстоп патуваше, а особено се плашеше од авионите. Во сите торби што ги вратија по сообраќајната несреќа имаше крстови и икони. Порано, кога ќе одеше во манастирот, ќе лежеше пред олтар, по еден час. Му велел на татко ми: „Чале, овде ми е мирот, овде ми е многу убаво и овде ќе се вратам“. И дома стави лустери како тие во црквата. Веројатно да го асоцираат на местото каде што го бараше мирот. Се видовте ли последниот ден во Крушево? - Дојдов кај родителите за да го донесам помалиот син бидејќи до 12 часот е во градинка, а потоа го чува мајка ми. Тогаш брат ми се подготвуваше за пат. Требаше да тргне во 10 часот, но кога го будела мајка ми, тој и велел: „Оставиме уште малку, воопшто не ми се оди на пат“. Беше омалаксан, а имаше и повреда на коленото и го болеше. Воопшто не беше расположен. Мајка ми кажа дека малиот син Никола му го скрил клучот од џипот и никако не сакал да му го даде. Тоше го молел да му го врати, објаснувајќи му дека веќе доцни. Малиот почнал да вреска и едвај му го дал клучот. Се поздравивме и ме бакна, а потоа ми рече: „Ќе ти се јавувам“. Имаше ли голема желба што приватно не му се оствари? - Да го посети Ерусалим. И таа желба му се оствари летово. По враќањето од Ерусалим забележав многу промени. Стана позамислен и посериозен. За Тоше тагува и цел Балкан. Беше ли свесна дека твојот брат е толку омилен кај луѓето од повеќе земји? - Дури сега сум свесна колку бил голем брат ми. Тоа не го ни знаевме иако го имавме дома. Колку само добрини правел низ светот! Доаѓаат луѓе во домот на моите родители и ни кажуваат колку Тоше им помагал. Знаевме дека е популарен, но дека толку обожаватели има, не можев ни да претпоставам. Постојано, илјадници луѓе доаѓаат на гробот и му се поклонуваат. Пред некој ден, дојде една двојка со бебе од две недели. Се поклонија и си заминаа. Од сите страни доаѓаат и стари баби и дедовци, кои едвај одат. Доаѓаат и пред куќичката и постојано ја фотографираат. Им се заблагодарувам на сите за поддршката во овие тешки мигови и за љубовта кон мојот брат. Уште не сме свесни дека сме без него. Мислиме дека е некаде на пат и дека ќе се јави и ќе ни се врати. Сега доаѓаат најтешките денови. Во внукот гледал свој наследник. Тоше бил многу поврзан со своите внуци Кристијан и Никола. Кога доаѓал во Крушево, семејството на неговата сестра се селело кај него за да минуваат што повеќе време заедно. Тоше го учел Кристијан да свири на гитара, а често пееле заедно. Планирал наскоро да снимат дует. Каде и да одел, се враќал со полна торба подароци за внуците и за семејството. Кристијан многу личи на Тоше кога бил мал. Се присеќава на својот вујко со скриена тага и зборува со огромно воодушевување за него. - Мојот вујко беше прекрасен. Ми подари 20 микрофони, а ме учеше да свирам на гитара. Првата песна што ме научи е „Твоите бакнежи на моите бели кошули“. Секогаш пеевме заедно. Тој ме учеше и кунг-фу. Каде и да одеше, ни купуваше подароци. Сега кога беше во Австралија ми донесе цеде од „Металика“. Ми велеше дека ќе ми направи песна за да пеам на фестивал. Вечерта пред да замине од Крушево спиевме заедно. Ми вети дека од Хрватска ќе ми купи игра со авиони - раскажува малиот Кристијан, а неговиот помал брат, Никола само ги гледа фотографиите од својот вујко и постојано ги бакнува. Зетот го чувствувал како брат
Славе Ристески, зетот, кој Тоше го чувствувал како брат, се' уште не може да поверува дека се случила оваа трагедија. Како член на координативното тело за заштита на името на Проески, тој е најангажираниот член од семејството. - Уште како мал ме изненадуваше со интелигенцијата. Кога го учев кунг-фу или кик-бокс, по само ден два беше подобар од мене. Ја сакаше музиката, особено полесниот хард-рок. Бидејќи и јас сум вљубеник во музиката и отсекогаш ја следев, купував плочи и му ги пуштав - се сеќава Ристески.Славе е крстен по Славен Замбата, фудбалер на „Динамо“ од Хрватска, а брат му, според Драган Џаиќ од „Црвена звезда“, зашто татко ми бил љубител на фудбалот. Вчера, гробот на Тоше го посетија токму Славен Замбата и Славен Билиќ, селекторот на хрватската репрезентација. Тие го поканија зетот на Тоше да биде специјален гостин на фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Хрватска। Последниот разговор со другарите। Во саботата, три дена пред трагичниот настан, Тоше првпат заигра за одбојкарскиот клуб „Синалко“, кој сам го финансираше। Вечерта со колегите од клубот победата ја прославиле во една пицерија.- Мезевме нешто и пиевме и во еден момент Тоше ми се сврти и ми рече: „Пресреќен сум во овој момент. Ми се исполни најголемата желба“. Од денешна гледна точка ми изгледа дека на 3 септември како да сакал нешто друго да каже. Потоа требаше да тргнеме за Скопје, но бидејќи останавме доцна вечерта реков дека не ми се станува и нема да можам. Тоше ми се јави во 13 часот и ми рече дека ќе сврати до Прилеп да преговара за еден одбојкар. Ја договори цела работа, замина на пат и повеќе не се врати. Вечерта по емисијата им се јавил на осумте другари, кои играле „Кантер“, за да ги праша што прават. Кога другарот го прашал како е, каде ќе оди, тој само рекол: „Одам нагоре“ - вели братучедот Андреј Николовски. Таткото се грижи за кучето Бас
Во дворот на семејната куќа е кучето Бас, од расата голден ретривер, за кое Тоше пред да замине на кобниот пат му оставил аманет на татко му да го чува, да го храни и да му го чешла влакното за да не изгуби од својата убавина. - Татко ми се грижи за Бас. Го гледа со голема љубов. Ми се чини дека во него чувствува дел од Тоше. Премногу е приврзан за Бас - вели Дори.Тоше од мал чувал кучиња. Ретриверот го купил по препорака на познатата водителка Мелита Ракичевиќ. Често и се јавувал за совети за тоа како да го чува и негува кучето. - На 3 септември во доцните часови ми се јави неговата менаџерка Лилја и ми рече дека Тоше сака куче и праша каде да купат. Им ја препорачав познатата одгледувачница во Стара Пазува. Лилја секогаш ја исполнуваше секоја негова желба и бидејќи тогаш се враќаа од Хрватска, веднаш свратија во одгледувачницата за да му купи куче - открива Мелита и вели дека Тоше претходно имал сибирски самојад.
Соња Алексоска Неделковска

Нема коментари: