Tošetov vozač tvrdi da nije zaspao
Vozač automobila „tuareg", u kojem je smrtno stradao Toše Proeski, Georgij Georgijevski je prvi put progovorio u javnosti...
Се сеќавам на се'
Мене воопшто никој не ме праша за ништо। Не дојде ниту полицаец, ниту истражен судија. Дојде еден полицаец и ми ја донесе возачката дозвола или можеби беше само торбичката, не се сеќавам. Претходно дојде еден адвокат, Хрват и се претстави... Јас сум адвокат (тој и тој) и побара да му се потпишам за да ми го врати пасошот, нешто како дали се согласувам тој да го подигне пасошот и да ми го донесе, така нешто беше. Тој се задржа само две минути. За несреќата истрага никој не направи. Прв пат по несреќата во која загина Тоше Проески во јавноста се појавува возачот на џипот Туарег, со кој се случи сообраќајката.
За Ѓорѓе Ѓорѓевски, или за неговите пријатели познат како Ѓоле, имаше безброј шпекулации кои одеа до таму што цитираа негови изјави за настанот кои тој воопшто не ги дал, зборуваа за средби со него кои тој не ги имал... а хрватските медиуми одеа до таму што без судење го прогласија за виновен. Без лекар го прогласија за загубен човек кој на ништо не се сеќава... А истите хрватски медиуми заборавија да прашаат дали на нивниот виновник воопшто некој му земал изјава во истрагата.
И, после се', еве го Ѓоле за прв пат во јавноста со ова интервју во ВЕЧЕР.
Во својот дом, Ѓорѓевски е под постојана медицинска нега, но вели болката за загубата на неговиот близок пријател е најтешка. Не го загрижува дали ќе се поднесе пријава против него и како ќе заврши целата истрага за немилиот настан. Загубата на Тоше е најголема казна и полошо од тоа не може да биде. Интервјуто го правевме во неговиот дом.
Ѓорѓевски, се уште нецелосно заздравен, лежеше во кревет. Телефонот во неговиот дом на улицата "Рузвелтова" во Скопје постојано ѕвонеше. Го бараа новинари за изјави и интервју. Ѓорѓевски вели најупорни биле од хрватската телевизија Нова, онаа телевизија која најмногу пишуваше во изминативе денови против него. Од ТВ Нова се јавиле непосредно пред нашето пристигнување, но не сакал и не можел да зборува.
Како се чувствувате, со оглед на тоа дека имавте многу видливи повреди? - И физички и психички сум скршен и лошо се чувствувам. Под постојана медицинска нега сум, двапати во денот ме посетува доктор, примам инјекции, анестетици и средства за смирување. На два дена ме посетува невролог и невропсихијатар. Но, психичката болка е потешка. Едноставно, како може да се чувствувам после се што се случи... Колку време се познававте со Тоше?- Со Тоше се знаевме 15 години, но шест години интензивно се дружевме. Го изгубив тоа што го изгубив, најдобриот пријател и брат. Бевме многу блиски. Кога ќе ми се јавеше и кога ќе зборуваше за мене, никогаш не викаше возачот или бодигардот. Ме ословуваше со брат. Ќе ми се јавеше, ќе ме прашаше: Кај си брат. Ретко дозволуваше друг да го вози. Доаѓаше кај мене дома, идев кај него, си верувавме еден на друг. Изгубив брат.
Во немилиот настан во Хрватска настрада Тоше. Вие бевте веднаш хоспитализирани. Кој Ве информираше за несреќата?- Дека мојот најголем пријател загинал во сообраќајката дознав од медицинскиот персонал. Таму имаше и доктор и медицинска сестра, ми кажа некој од нив. Во еден момент прашав како се другите од возилото, ми кажаа дека Тоше не преживеал. За тој момент не можам многу да зборувам.
Дали бевте уморен кога тргнавте на пат за Хрватска? - Воопшто не бев уморен. Тргнавме од Скопје пред полноќ, а во Ниш ја земавме Љиља. Кај неа седевме, се освеживме и продолживме за Хрватска. Никој не бараше да брзаме, ниту дека сме врзани со време. Никој за ништо не ме форсираше.
ВЕЧЕР објави дека 15-тина минути пред несреќата сте застанале да се одморите.- Да, запревме на бензинска пумпа. Не поминаа ни 10 минути откако тргнавме оттаму до несреќата. Претходно застанавме уште 4-5 пати. Секогаш кога ќе посакав и ќе имав потреба застанував, и никој не негодуваше за тоа. Накусо, патувавме лежерно и без брзање.Од наплатната рампа до местото на несреќата има некаде околу 130 километри. Ние застанавме некаде на половина од тој пат. На таа бензинска која вие во пишувањето ја спомнувате, запревме за да пиеме кафе, да ставиме бензин, и потоа продолживме. Требаше да стигнеме во Загреб, на Зухра шоу, некаде околу 12 напладне. Имавме доволно време, па дури и повеќе од потребното, и за никакво брзање не може да стане збор. Не бев заморен за да заспијам. Не заспав.
Какви беа условите на патот? Имаше ли некакви сериозни пречки?- Патот сум го возел повеќе пати, и дење и ноќе. Тоше немаше возач кој бил на одмор во тој период како што се зборуваше. Го возев многу често на таа релација. Тој ден имаше многу јака магла. Но јас Туарегот го возев често. Тој беше со целосна опрема, имаше секакви сензори, па и сензор за дистанца кој ви сигнализира ако пребргу се доближувате до некој предмет или возило.
Дали се сеќавате на моментот кога се случи несреќата? Хрватските медиуми уште веднаш објавија дека не памтите што се случило.- Како може да не се сеќавам ?! Тоа е, исто така, и моментот кога го изгубив мојот најголем пријател. Ништо не сум заборавил. Се сеќавам на се'. Но, деталите ќе ги кажам на суд.
Дали некое службено лице од истрагата се обиде да разговара со Вас и да Ве испраша што се случило?- Мене воопшто никој не ме праша за ништо. Не дојде ниту полицаец, ниту истражен судија. Дојде еден полицаец и ми ја донесе возачката дозвола или можеби беше само торбичката, работи од колата, тука беа и работите на Љиља. Мислев ќе ме испрашува, но тој се задржа само две минути и ништо не ме праша. Претходно дојде еден адвокат, Хрват и се претстави... Јас сум адвокат (тој и тој) и побара да му се потпишам за да ми го врати пасошот, нешто како дали се согласувам тој да го подигне пасошот и да ми го донесе, така нешто беше. За несреќата распит со мене за потреби на истрагата никој не направи. Никој ништо не ме праша за тоа. Изјава никому не му дадов зашто никој од мене тоа не го побара.Дали сопатниците Љиља и Тоше спиеја во возилото кога се сличи несреќата? Според некои информации Тоше спиел, според други гледал филм, едни велат бил легнат на седиштето, други дека седел... Која е вистината?- Тоше седеше на совозачкото седиште кое беше спуштено до долу и го фаќаше делот од задното седиште. Не беше прв пат Тоше да заспие додека патуваме. Тоа често се случуваше. Љиља седеше на задното седиште позади мене. Сигурносни појаси имавме. Само Љиља не беше врзана со сигурносен појас. Лименките кои ги купивме кога застанавме на бензинската пумпа за да дополниме бензин во резервоарот се уште празни стоеја во автомобилот. Не беа фрлени. Со Љиља комунициравме, цело време разговаравме. Правевме муабет. Немаше никакви шанси да заспијам. Непосредно пред несреќата таа ме прашуваше дали ми се спие? Дали сум уморен? Дали има потреба да ме замени, таа да вози малку? Но, не се чувствував уморен. Останав на возачкото седиште.
Билјана ЗАФИРОВА

Нема коментари: